Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дешифрирање на еден скапоцен библиски текст

Дешифрирање на еден скапоцен библиски текст

Дешифрирање на еден скапоцен библиски текст

ПРЕД многу векови, материјалите за пишување не биле лесно достапни како денес. Непотребниот текст испишан со мастило врз пергамент или врз друг материјал бил стружен или се вадел со миење. На тој начин се добивал палимпсест. Овој збор е од грчко потекло и буквално значи „повторно истружен“. Понекогаш од пергаментите биле отстранувани дури и библиски текстови за да се користат за пишување на други информации.

Еден важен палимпсест е Ефремовиот кодекс (Codex Ephraemi Syri rescriptus). Зборот rescriptus, кој е дел од неговиот назив, значи „одново запишан“. Овој кодекс е многу важен бидејќи е еден од најстарите постоечки преписи на делови од Христијанските грчки списи. Од таа причина, се смета за еден од најдобрите текстови со кои може да се утврди точноста на овој дел од Божјата реч.

Во 5 век од н.е., во овој кодекс бил напишан библиски текст кој во 12 век бил отстранет, а врз него бил напишан грчки превод на 38 проповеди од сирискиот изучувач Ефрем. При крајот на 17 век, експертите за првпат забележале дека кодексот содржи и библиски текст. Во наредните неколку години успеале во некоја мера да го издвојат оригиналниот запис од овој манускрипт. Но, било многу тешко целосно да се дешифрира бидејќи многу страници биле оштетени, двата текста се преклопувале, а од избришаното мастило останале само бледи и непрепознатливи траги. Во обид да се истакне библискиот текст и да се направи почитлив, биле користени и хемикалии, но без голем успех. Затоа, повеќето изучувачи заклучиле дека избришаниот текст, како целина, не може да се дешифрира.

Во почетокот на 1840-тите години, надарениот германски лингвист Константин фон Тишендорф се посветил на изучување на овој кодекс. Му биле потребни цели две години за да го дешифрира. Зошто успеал во тоа за разлика од другите?

Тишендорф многу добро го познавал грчкото уницијално писмо кое се состои од крупни, одвоени, големи букви. a Овој изучувач, кој имал многу добар вид, сфатил дека може да го препознае оригиналниот текст ако едноставно го држи пергаментот наспроти светлина. За да го постигнат истото, денешните изучувачи користат оптички апарати кои испуштаат инфрацрвена, ултравиолетова и поларизирана светлина.

Тишендорф ги објавил резултатите од анализата на Ефремовиот кодекс во 1843 и 1845 год. Тоа му го донело признанието на врвен стручњак на полето на грчката палеографија.

Ефремовиот кодекс, со димензии од околу 30 на 25 сантиметри, е еден од најраните примероци на ракопис во кој текстот на секоја страница е пишуван во една колона. Од 209-те сочувани листови, 145 содржат делови од сите книги од Христијанските грчки списи, со исклучок на 2. Солуњаните и 2. Јованово. Другите страници содржат грчки превод на делови од Хебрејските списи.

Денес овој кодекс се чува во Националната библиотека во Париз (Франција). Иако Тишендорф сметал дека овој ракопис потекнува од Египет, тоа не може со сигурност да се потврди. За изучувачите, Ефремовиот кодекс е еден од четирите најзначајни уницијални грчки библиски ракописи. Останатите три се Синајскиот, Александрискиот и Ватиканскиот кодекс бр. 1209. Сите датираат од четвртиот и од петтиот век од н.е.

На извонреден начин, пораката од Светото писмо останала сочувана сѐ до нашево време во различни форми, меѓу кои е и палимпсестот. Иако во овој случај библискиот текст бил избришан без никакво ценење, пораката од Божјата реч останала. Ова е уште една потврда на зборовите на апостол Петар: „Јеховината реч останува засекогаш“ (1. Петрово 1:25).

[Фуснота]

a Тишендорф е најпознат по тоа што во манастирот Св. Катерина, кој се наоѓа во подножјето на планината Синај, открил грчки превод на Хебрејските списи — еден од најстарите што некогаш биле пронајдени. Овој ракопис е познат како Синајски кодекс (Codex Sinaiticus).

[Графикон/слика на страница 16]

(Види во публикацијата)

Ефремовиот кодекс е важен палимпсест што го дешифрирал Тишендорф (1815-1874)

ПРВОБИТНИОТ БИБЛИСКИ ТЕКСТ

ТЕКСТОТ ОД ЕДНА ГРЧКА ПРОПОВЕД НАПИШАН ВРЗ НЕГО

[Извор на слика]

© Bibliothèque nationale de France

[Слика на страница 17]

Синајскиот кодекс откриен во манастирот Св. Катерина

[Слика на страница 17]

Тишендорф