Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Одговор на четири прашања за крајот

Одговор на четири прашања за крајот

Одговор на четири прашања за крајот

ИСУС ХРИСТОС прорекол дека „ќе дојде крајот“. Еве што кажал за тоа време: „Тогаш ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Матеј 24:14, 21).

Она што го кажал Исус за крајот, како и други библиски стихови на таа тема, покренува голем број важни прашања. Земи ја својата Библија и прочитај каков одговор ни дава на тие прашања.

1. На што ќе му дојде крај?

Библијата не вели дека ќе биде уништена Земјата како планета. „[Бог] ја утврди земјата на нејзините темели“, напишал псалмистот. „Нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5). Исто така, Библијата не вели ни дека сиот живот ќе биде уништен во некаква катаклизма (Исаија 45:18). Самиот Исус покажал дека некои луѓе ќе го преживеат крајот (Матеј 24:21, 22). Според тоа, за каков крај зборува Библијата?

Крај на неуспешните човечки влади. Под водство на светиот дух, пророкот Даниел напишал: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).

Крај на војните и загадувањето. Во Псалм 46:9 пишува што ќе направи Бог: „Ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“. Исто така, Библијата ни кажува дека Бог ‚ќе ги уништи оние што ја уништуваат земјата‘ (Откровение 11:18).

Крај на криминалот и неправдите. Во Божјата Реч е запишано следново ветување: „Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните ќе останат на неа. А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“ * (Изреки 2:21, 22).

2. Кога ќе дојде крајот?

Јехова Бог одредил време кога ќе му стави крај на злото и кога неговото Царство ќе почне да владее на Земјата (Марко 13:33). Но, Библијата јасно покажува дека не можеме да го пресметаме точниот датум кога ќе дојде крајот. Исус рекол: „За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Матеј 24:36). Меѓутоа, Исус и неговите ученици прорекле какви ќе бидат условите на Земјата пред Бог да му стави крај на злото. Крајот ќе биде на прагот кога сите настани што ќе ги спомнеме сега ќе се случуваат во исто време и во целиот свет.

Драстични промени во политиката, екологијата и општеството во досега невидени размери. Како одговор на прашањата што учениците му ги поставиле во врска со крајот, Исус рекол: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство, ќе има земјотреси на разни места и ќе има глад. Тоа е почетокот на болните неволји“ (Марко 13:8). Апостол Павле напишал: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1-5).

Во тек е едно меѓународно, повеќејазично проповедничко дело. Исус рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

3. Што ќе се случи откако ќе дојде крајот?

Библијата не кажува дека сите добри луѓе ќе бидат земени од Земјата за да живеат вечно на небото во блаженство. Наместо тоа, Исус рекол дека ќе се исполни Божјата првобитна намера со луѓето. Тој кажал: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5; 6:9, 10). Во Библијата е запишано ветувањето дека оние што ќе умрат пред да дојде крајот, ги чека воскресение (Јов 14:14, 15; Јован 5:28, 29). Што ќе се случи откако ќе дојде крајот?

Од небото, Исус ќе владее како цар на Божјето Царство. Пророкот Даниел напишал: „Гледав понатаму во ноќните виденија, кога ете, на небесните облаци доаѓаше некој како син човечки [воскреснатиот Исус]. Му беше дозволено да му пристапи на Прадревниот [Јехова Бог], и го доведоа пред Него. Нему [на Исус] му беа предадени власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт, која никогаш нема да помине, и неговото царство нема да пропадне“ (Даниел 7:13, 14; Лука 1:31, 32; Јован 3:13-16).

Сите луѓе на Земјата што ќе се подложат на Божјето Царство ќе имаат совршено здравје, трајна сигурност и вечен живот. Пророкот Исаија напишал: „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род. Нема тие да градат, а некој друг да живее во нив, нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род“ (Исаија 65:21-23). Во врска со тоа време, и апостол Јован напишал: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:3, 4).

4. Што мораш да правиш за да го преживееш крајот?

Апостол Петар отворено кажал дека некои од оние што ќе живеат во времето на крајот ќе се потсмеваат на идејата дека Бог некогаш ќе се вмеша во работите на луѓето и дека ќе му стави крај на злото (2. Петрово 3:3, 4). И покрај тоа, Петар ги поттикнува луѓето што живеат во денешно време да преземат некои чекори.

Учи од историјата. Бог „не поштеди еден древен свет, но го зачува Ное, проповедникот на праведноста, со седуммина други, кога донесе потоп на безбожниот свет“, напишал Петар (2. Петрово 2:5). А за оние што се потсмеваат, тој рекол: „Намерно не согледуваат дека од дамнина постоеле небесата и дека земјата стоела над водата и среде водата преку Божјата реч. Со неа тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода. А сегашните небеса и земја * преку истата таа реч се зачувани за оган и се чуваат сѐ до денот на судот и уништувањето на безбожниците“ (2. Петрово 3:5-7).

Живеј според Божјите морални мерила. Оние што сакаат да го преживеат крајот, ќе вршат ‚свети дела по кои ќе се види дека му се оддадени на Бог‘, напишал Петар (2. Петрово 3:11). Забележи дека Петар зборува за ‚свети дела‘. Значи, не е доволно некој само да тврди дека е верник или да се промени во последен момент за да не добие казна од Бог.

Какви дела бара Бог од нас? Зошто не го споредиш она што го знаеш со она што го пишува во Библијата на таа тема? Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат во тоа. Замоли ги да ти прочитаат од твојата Библија каква основа има она што го веруваат. Тоа може многу да ти помогне да гледаш на иднината храбро и со доверба, иако насекаде околу нас има толку многу причини за страв.

[Фусноти]

^ Види ја и статијата „Дали сите луѓе имаат иста можност да го запознаат Бог?“, на 22. страница од ова списание.

^ Овде Петар зборува за Земјата во преносна смисла. И библискиот писател Мојсеј зборувал за Земјата во преносна смисла. Тој напишал: „Целата земја имаше само еден јазик“ (1. Мојсеева 11:1). Се разбира, дословната Земја не може да зборува „еден јазик“. Значи, ни уништувањето не се однесува на дословната Земја. Наместо тоа, како што објаснува Петар, ќе бидат уништени безбожните луѓе.

[Истакната мисла на страница 7]

Нема да ѝ дојде крај на Земјата, туку на оние што ја уништуваат