Кој е Бог?
Учи од Божјата Реч
Кој е Бог?
Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.
1. Кој е Бог?
Вистинскиот Бог е оној што создал сѐ. Библијата го нарекува ‚Цар на вечноста‘, што значи дека нема ни почеток ни крај (Откровение 15:3). Бидејќи Бог е Извор на животот, треба да му служиме само нему. (Прочитај Откровение 4:11.)
2. Каков е Бог?
Никој никогаш не го видел Бог затоа што тој е духовно суштество, што значи дека е повисок облик на живот од сите други суштества на Земјата (Јован 1:18; 4:24). Можеме да видиме каков е Бог ако го набљудуваме она што го направил. На пример, кога размислуваме за тоа како се создадени разновидните цвеќиња и плодови, дознаваме колку нѐ сака и колку е мудар Бог. А бескрајната вселена сведочи за Неговата моќ. (Прочитај Римјаните 1:20.)
Уште повеќе можеме да го запознаеме Бог ако ја читаме Библијата. На пример, таа ни кажува што сака, а што не сака Бог, како се однесува со луѓето и како постапува во различни ситуации. (Прочитај Псалм 103:7-10.)
3. Дали Бог има име?
Исус рекол: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Иако Бог има многу титули, тој има само едно име. На секој јазик тоа се изговара поинаку. На македонски обично велиме „Јехова“, а понекогаш „Јахве“. (Прочитај Псалм 83:18.)
Божјето име било отстрането од многу Библии и било заменето со титулите Господ или Бог. Но, кога била пишувана Библијата, во неа Божјето име стоело на околу 7.000 места. Исус го објавувал Божјето име на тој начин што го употребувал кога им зборувал на луѓето за Божјата Реч. Така им помогнал да го запознаат Бог. (Прочитај Јован 17:26.)
4. Дали Јехова се грижи за нас?
Јехова покажува дека е заинтересиран за нас така што ги слуша нашите молитви (Псалм 65:2). Дали тоа што во светот има многу страдања значи дека Бог не се грижи за нас? Некои луѓе велат дека Бог остава да страдаме за да нѐ искуша, но тоа не е точно. Библијата вели: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло“ (Јов 34:10; прочитај Јаков 1:13).
Бог со љубов му дал на човекот слободна волја. Зар не го цениме тоа што имаме слобода да избереме да му служиме на Бог? (Исус Навин 24:15). Во светот има многу страдања затоа што мнозина свесно одлучуваат да им прават лошо на другите. На Јехова му е многу жал кога гледа такви неправди. (Прочитај 1. Мојсеева 6:5, 6.)
Наскоро, Бог ќе го овласти Исус да им стави крај на страдањата и оние што ги предизвикуваат. Во меѓувреме, Јехова има добра причина што привремено ги допушта страдањата. Во некоја следна статија од оваа рубрика ќе дознаеме зошто Бог допушта луѓето да страдаат. (Прочитај Исаија 11:4.)
5. Што бара Бог од нас?
Јехова нѐ создал со способност да го запознаеме и да го сакаме. Тој сака да ја знаеме вистината за него (1. Тимотеј 2:4). Ако ја проучуваме Библијата, ќе го запознаеме Бог и тој ќе ни стане Пријател. (Прочитај Изреки 2:4, 5.)
Бидејќи Јехова ни дал живот, треба да го сакаме повеќе од кој и да е друг. Ќе му покажеме дека го сакаме ако зборуваме со него во молитва и ако го правиме она што го бара од нас (Изреки 15:8). Јехова сака да покажуваме љубов и кон другите луѓе. (Прочитај Марко 12:29, 30; 1. Јованово 5:3.)
Нешто повеќе можеш да прочиташ во 1. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци
[Слика на страница 17]
Сигурно има добра причина што Бог привремено ги допушта страдањата