Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Старите ќе бидат повторно млади

Старите ќе бидат повторно млади

Приближи му се на Бог

Старите ќе бидат повторно млади

КОЈ од нас би сакал да ги почувствува последиците од стареењето — брчки на кожата, слаб вид, намален слух и отежнато движење? Можеби се прашуваш: ‚Зошто Бог би нѐ создал со можност да уживаме во најубавите години на младоста, само за на крајот да ги вкусиме последиците од староста?‘ Добра вест е дека Бог не сакал да го доживееме тоа. Напротив, неговата намера била луѓето да не стареат! Забележи што му рекол на праведниот човек Јов, како што пишува во Јов 33:24, 25.

Да кажеме нешто повеќе за овој верен човек кој му бил многу мил на Јехова. Јов не знаел дека Сатана ја довел во прашање неговата непорочност и го обвинил дека му служи на Бог само од себични причини. Јехова, кој имал доверба во својот слуга и знаел дека може да ја поправи секоја штета, дозволил Сатана да го испита Јов. Тогаш Сатана ‚го удрил Јов со лути чиреви од табаните до темето‘ (Јов 2:7). Телото му било нападнато од црви, а кожата му била полна со красти, поцрнела и почнала да отпаѓа (Јов 7:5; 30:17, 30). Можеш ли да си замислиш колку страдал? Сепак, Јов останал верен и рекол: „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5).

Меѓутоа, Јов направил една голема грешка. Кога изгледало дека деновите му се одброени, му станало најважно да се оправда себеси, ‚тврдејќи за својата душа дека е поправедна од Бог‘ (Јов 32:2). Елиу, кој го прекорил Јов, му пренел и една охрабрувачка порака од Бог: „Избави го [Јов] за да не отиде во јамата [гробот]. Најдов откупнина за него! Неговото тело нека стане посвежо отколку во младоста, нека се врати во деновите на својата младешка сила!“ (Јов 33:24, 25). Овие зборови сигурно му влеале надеж на Јов. Тој немало да страда до смрт. Ако се покаел, Бог со задоволство ќе прифател откупнина за него и ќе го ослободел од маките. *

Јов понизно го послушал советот и се покајал (Јов 42:6). Очигледно, Јехова прифатил откупнина која ја покрила грешката што ја направил Јов. Поради тоа, Бог можел да му го врати здравјето и да го награди. Јехова ‚ги благословил подоцнежните години од животот на Јов повеќе отколку претходните‘ (Јов 42:12-17). Замисли си како се чувствувал Јов кога, меѓу другите благослови, оздравел од својата одвратна болест и неговото тело станало „посвежо отколку во младоста“!

Откупнината што ја прифатил Бог немала трајна вредност, бидејќи Јов и понатаму бил несовршен и подоцна сепак умрел. Но, за нас е дадена една многу повредна откупнина. Јехова со љубов го дал својот Син, Исус, за да ги откупи нашите гревови (Матеј 20:28; Јован 3:16). Сите што веруваат во таа откупнина можат да се надеваат на вечен живот во рај на Земјата. Во новиот свет што ќе дојде, Бог нема да дозволи верните луѓе да стареат. Би било убаво да дознаеш повеќе за тоа што треба да направиш за да го дочекаш времето кога телото на старите ќе биде „посвежо отколку во младоста“.

Читање на Библијата во април:

Јов 16—37

[Фуснота]

^ пас. 3 На хебрејски јазик, зборот „откупнина“ што е употребен овде значи „покритие“. Во случајот на Јов, откупнината можеби била некоја животинска жртва, која Бог ја прифатил за да ја покрие односно за да премине преку грешката што ја направил Јов (Јов 1:5).