Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сите верни христијани ќе одат на небото?

Дали сите верни христијани ќе одат на небото?

Читателите прашуваат...

Дали сите верни христијани ќе одат на небото?

▪ Мнозина ги прочитале Исусовите утешни зборови: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Дали Исус сакал да каже дека сите што верно му служат на неговиот Татко, Јехова Бог, ќе отидат на небото за да живеат вечно?

Размисли за она што го кажал Исус: „Никој не се вознел на небото, освен оној што слезе од небото, Синот човечки“ (Јован 3:13). Тоа значи дека верните Божји слуги од минатото, како што биле Ное, Авраам, Мојсеј и Давид, не отишле на небото (Дела 2:34). Тогаш, каде отишле? Едноставно кажано, верните луѓе што живееле во минатото се во гроб, заспани во смртен сон, не се свесни за ништо и чекаат да бидат воскреснати (Проповедник 9:5, 6; Дела 24:15).

Исус бил првиот кој спомнал дека по смртта некои ќе живеат на небото. Тој им рекол на апостолите дека ќе им подготви место на небото (Јован 14:2, 3). Тоа било нешто ново за Божјиот народ. Подоцна, апостол Павле објаснил дека, откако Исус умрел и воскреснал на небото, им ‚отворил на своите ученици нов и жив пат‘ — пат по кој претходно не поминал ниту еден човек (Евреите 10:19, 20).

Дали тоа значи дека оттогаш сите верни луѓе по својата смрт одат на небото? Не, бидејќи небесно воскресение ќе добијат само некои луѓе, на кои им е дадена една посебна задача. На последната вечер што Исус ја поминал со своите апостоли, тој им рекол дека ‚ќе седат на престоли и ќе судат‘ во неговото небесно Царство. Значи, тие ќе имале задача да владеат од небото заедно со Исус (Лука 22:28-30).

Освен апостолите, оваа прекрасна задача требало да ја добијат и некои други луѓе. Во едно видение, апостол Јован го видел Исус со една група луѓе кои воскреснале на небото. За нив било речено дека се ‚царство и свештеници што ќе царуваат над земјата‘ (Откровение 3:21; 5:10). Колку души биле? Како и во секоја друга влада, владеат само ограничен број луѓе. Истото е случај и со ова небесно Царство. Исус, Божјето Јагне, владее заедно со 144.000 совладетели „откупени од луѓето“ (Откровение 14:1, 4, 5).

Точно е дека 144.000 е мал број во споредба со бројот на сите верни луѓе што живееле во минатото и што живеат во денешно време. Но, тоа е сосема разбирливо затоа што тие 144.000 се воскреснати на небото за да извршат една посебна, света задача. Ако сакаш да градиш куќа, дали ќе ги најмиш сите добри ѕидари во твоето место? Не. Ќе ти бидат потребни само неколку мајстори за да ја завршат работата. Слично на тоа, Бог не ги избрал сите верни луѓе за да владеат од небото заедно со Христос.

Оваа небесна влада ќе ја исполни Божјата првобитна намера со луѓето. Под водство на Исус и неговите 144.000 совладетели, целата Земја ќе стане рај, каде што неограничен број верни луѓе ќе живеат вечно и ќе бидат среќни (Исаија 45:18; Откровение 21:3, 4). Меѓу нив ќе бидат и оние што ќе воскреснат бидејќи се во Божјето сеќавање (Јован 5:28, 29).

Сите верни слуги на Јехова — како во минатото така и денес — можат да добијат прекрасна можност да живеат вечно (Римјаните 6:23). Само малкумина ќе живеат на небото за да извршат една посебна задача, а повеќето ќе живеат на Земјата која ќе стане рај.