Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог е посебно наклонет кон луѓето од една раса?

Дали Бог е посебно наклонет кон луѓето од една раса?

Читателите прашуваат...

Дали Бог е посебно наклонет кон луѓето од една раса?

▪ Се разбира дека не. Библијата јасно вели: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).

Божјето гледиште за ова многу се разликува од гледиштето на несовршените луѓе. Мнозина мислат дека една раса (обично таа на која ѝ припаѓаат) е подобра од другите. Таквиот став го одразува размислувањето на Чарлс Дарвин, кој напишал: „Во иднина... цивилизираните човечки раси речиси сигурно ќе ги истребат и ќе ги заменат примитивните раси“. За жал, многумина ги малтретирале луѓето од другите раси затоа што се сметале за подобри од нив.

Дали има основа да мислиш дека една раса е подобра од друга? На пример, дали науката потврдила дека некои раси се генетски подобри од другите? Воопшто не. Брајан Сајкс генетичар и професор на Оксфорд, вели: „Не постои генетска основа за никаква строга етничка или расна поделба... секогаш ме прашуваат дали постои грчка или италијанска ДНК, но се разбира, такво нешто не постои... Сите раси се тесно поврзани“.

Овие сознанија се во склад со она што го пишува во Светото писмо. Библијата вели дека Бог создал еден маж и една жена, а сите други луѓе потекнуваат од нив (1. Мојсеева 3:20; Дела 17:26). Значи, во Божји очи има само една раса — човечката.

За Јехова воопшто не се важни бојата на кожата или цртите на лицето. Напротив, за него е поважно нешто друго — нашето симболично срце, односно какви личности сме. Тој рекол: „Човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1. Самоилова 16:7, Превод на МПЦ). Ова може многу да нѐ охрабри. Како?

Без разлика на тоа од која раса сме, многумина се незадоволни од некои свои физички карактеристики, а не можат да сторат ништо во врска со тоа. Меѓутоа, сите ние можеме да го промениме она што е многу поважно — нашите мисли и чувства (Колошаните 3:9-11). Ако искрено се преиспитаме, можеби ќе увидиме дека сме склони да се чувствуваме барем малку подобри, или можеби полоши, од луѓето кои припаѓаат на друга раса. Бидејќи ниту едното ниту другото гледиште не е во склад со начинот на кој размислува Бог, мораме да дадеме сѐ од себе за да ги искорениме таквите чувства од нашето срце (Псалм 139:23, 24).

Ако се трудиме да се гледаме себеси и другите онака како што нѐ гледа Јехова, можеме да бидеме сигурни дека Тој ќе ни помогне. Неговата Реч нѐ потсетува: „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Летописи 16:9). Тоа важи за секој човек, независно од расата на која ѝ припаѓа.