Радосно да даваме
„Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (ДЕЛА 20:35)
Зошто некои го слават Божиќ?
Како што кажал Исус, среќен е и тој што дава и тој што прима. За многумина, давањето подароци на Божиќ е една од најважните работи за да почувствуваат радост. Според едно истражување, дури и за време на економската криза минатата година, секое домаќинство во Ирска очекувало да потроши повеќе од 500 евра за божиќни подароци.
Каде лежи проблемот?
За многумина, давањето подароци на Божиќ носи поголем стрес, а не поголема радост. Зошто? Многу купувачи се чувствуваат принудени да купат подароци што не можат да си ги дозволат. А бидејќи сите купуваат баш тогаш, гужвата и редиците пред касите создаваат непотребна нервоза.
Кои библиски начела можат да ни помогнат?
„Давајте“, рекол Исус (Лука 6:38). Тој не го ограничил давањето подароци на одреден период од годината кога од луѓето се очекува да подаруваат. Исус ги поттикнал своите следбеници да стекнат навика да даваат без некаков посебен повод.
„Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“ (2. Коринќаните 9:7). Суштината на овој совет е дека „ништо не треба да биде дадено ‚со сила‘, само затоа што некој се чувствува принуден да го направи тоа“, пишува во една книга. Оној што ‚весело дава‘ не го прави тоа од чувство на обврска, само затоа што мора да даде некому нешто во одредено време — како што често се прави на Божиќ.
„Давањето е особено добредојдено ако човек има желба да даде. Од секого се очекува да го даде она што го има, а не она што го нема“ (2. Коринќаните 8:12). Бог не очекува христијаните да заглават во долгови за да купуваат скапи подароци. Спротивно на тоа, кога човек ‚дава од она што го има‘, тој не подарува само колку да му помине редот, туку таквото давање е „особено добредојдено“. Колку поинакво гледиште од пораката што ја шират рекламите за време на празниците — „купи сега, плати после“!