Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Почнав да размислувам што правам со својот живот“

„Почнав да размислувам што правам со својот живот“
  • РОДЕН: 1941

  • ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА

  • НЕКОГАШ: ПУШЕЛ И ПИЕЛ

МОЕТО МИНАТО

Пораснав во Варијалда, гратче во Нов Јужен Велс. Таму луѓето се занимаваат со земјоделство и сточарство. Одгледуваат овци, стока, жито и разни земјоделски култури. Гратчето е чисто и нема многу криминал.

Како најстаро од 10-те деца, кога имав 13 години почнав да работам за финансиски да помагам дома. Поради тоа што имав ниско образование, работев на разни фарми. Кога имав 15 години, станав скротувач на коњи.

Животот на фармите си имаше свои добри и лоши страни. Од една страна, ја сакав работата и уживав во природата. Навечер седнував крај огнот и се загледував во месечината и во ѕвезденото небо, додека ветрето ширеше пријатна миризба од растенијата во околината. Се сеќавам како често си помислував дека мора да има некој што ја создал сета таа убавина. Од друга страна, на фармите бев изложен на лошо влијание. Постојано слушав пцовки и лесно доаѓав до цигари. За кратко време, ми стана најнормално да пцујам и да пушам.

Кога наполнив 18 години, се преселив во Сиднеј. Се обидов да ѝ се приклучам на војската, но ме одбија бидејќи не бев доволно образован. Најдов работа и останав во Сиднеј една година. Во тој период првпат стапив во контакт со Јеховините сведоци. Отидов на еден нивни состанок, и веднаш ми беше јасно дека тие ја поучуваат вистината.

Меѓутоа, по кратко време решив да се вратам во внатрешноста. Отидов во Гундивинди (Квинсленд). Најдов работа и се оженив, но за жал, почнав многу да пијам.

Откако ни се родија двата сина, почнав да размислувам што правам со својот живот. Се сетив на она што го слушнав кога бев на состанокот на Сведоците во Сиднеј и решив да стапам во контакт со нив.

Најдов едно постаро издание на Стражарска кула на кое ја имаше адресата на подружницата на Јеховините сведоци во Австралија. Испратив писмо со кое ги замолив да ми помогнат да ја разберам Библијата. Како одговор на моето писмо, кај мене дојде еден многу фин Јеховин сведок. По кратко време почнав да ја проучувам Библијата.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Додека ја проучував Библијата, сфатив дека треба да свртам нов лист во животот. Еден библиски стих што посебно ме охрабри беше 2. Коринќаните 7:1. Во него сме поттикнати „да се исчистиме од секоја валканост на телото“.

Одлучив да ги оставам цигарите и да престанам да се опивам. Тоа не ми одеше лесно затоа што долго време пушев и пиев. Но, бев цврсто решен да живеам на начин што го радува Бог. Најмногу ми помогна начелото од Римјаните 12:2, каде што пишува: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум“. Сфатив дека, ако сакам да се ослободам од лошите навики, морам да го променам начинот на размислување. Требаше да почнам да гледам на моите пороци онака како што гледа Бог — дека се штетни. Со негова помош успеав да престанам да пушам и да пијам.

‚Сфатив дека морам да го променам начинот на размислување‘

Сепак, најтешко ми беше да се одвикнам од пцуењето. Добро го знаев советот од Ефешаните 4:29: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста“. И покрај тоа, не успеав веднаш да се ослободам од вулгарниот говор. Но, многу ми помогна тоа што размислував за Исаија 40:26. Во врска со ѕвезденото небо, во овој стих пишува: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име. Поради неговата голема моќ и неговата огромна сила не изостанува ниту едно“. Си реков: ако Бог имал моќ да ја создаде огромната вселена, која уживав да ја набљудувам, сигурно може да ми даде и сила да се променам. Тоа што честопати се молев и вложив голем труд, ми помогна да внимавам што зборувам.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Додека работев на фармите, немав многу прилики да зборувам со други луѓе. Сепак, на состаноците на Јеховините сведоци научив да комуницирам. Меѓу другото, таму научив како да зборувам со луѓето за добрата вест за Божјето Царство (Матеј 6:9, 10; 24:14).

Последниве неколку години служам како старешина во собранието. За мене е голема чест да правам сѐ што можам за да им помагам на соверниците. Сепак, најголем благослов е тоа што му служам на Јехова заедно со мојата сакана жена и деца.

Благодарен сум му на Јехова што ми даде можност да бидам поучен од него (Исаија 54:13). Потполно се согласувам со зборовите од Изреки 10:22, каде што пишува: „Благословот од Јехова збогатува“. Јас и моето семејство со радост го чекаме времето кога уште повеќе ќе учиме за Јехова и ќе му служиме вечно.