Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ЈОСИФ

„Ве молам, чујте го сонот што го сонив“

„Ве молам, чујте го сонот што го сонив“

ЈОСИФ копнежливо гледал кон исток. Посакувал да може да се одвои од караванот и со трчање да избега. Не многу далеку зад тие ридови, во градот Хеврон, се наоѓал неговиот дом. Татко му, Јаков, сигурно ги привршувал работите за тој ден бидејќи наскоро ќе се стемнело. Не можел ни да замисли што му се случувало во тие моменти на неговиот омилен син. Но, Јосиф веќе не можел да се врати кај него, а којзнае и дали некогаш повторно ќе го видел лицето на својот мил и остарен татко. Трговците го држеле на око додека ги терале камилите по разгазениот пат што водел кон југ. Јосиф сега бил нивна сопственост, и сигурно не би дозволиле да им избега. Тоа момче вредело пари, како што вредела и другата скапоцена стока што ја носеле — мирислива смола и мирисливи масла, кои ќе ги продаделе во далечниот Египет.

Јосиф веројатно не бил многу постар од 17 години. Замисли си го како се свртел кон запад и подзамижано погледнал кон небото додека сонцето полека се спуштало над хоризонтот на Средоземното Море. Се обидувал да се помири со она што му се случувало. Сѐ уште му било тешко да поверува дека неговите сопствени браќа за малку ќе го убиеле и дека на крајот го продале како роб. Сигурно едвај се совладувал да не заплаче. Воопшто не знаел што ќе се случи со него.

Јосиф ја изгубил слободата, но не и верата

Како Јосиф се нашол во толку тешка положба? Што можеме да научиме од верата на овој млад човек кој бил малтретиран и отфрлен од членовите на своето семејство?

СЕМЕЈНИТЕ ОКОЛНОСТИ НА ЈОСИФ

Јосиф потекнувал од многу големо, но не и среќно семејство. Од она што во Библијата го читаме за семејството на Јаков јасно се гледаат штетните последици од полигамијата, вкоренет обичај што Бог го толерирал меѓу неговиот народ сѐ додека неговиот Син повторно не ја вовел моногамијата — брак меѓу еден маж и една жена (Матеј 19:4-6). Јаков имал најмалку 14 деца од четири жени — неговите сопруги Лија и Рахела, и нивните слугинки Зелфа и Вилха. Јаков уште од почетокот многу ја засакал убавата Рахела. Но, никогаш немал толку силни чувства кон нејзината постара сестра, Лија, која му станала жена со измама. Меѓу нив двете имало големо ривалство, а таа љубомора преминала и врз децата (1. Мојсеева 29:16-35; 30:1, 8, 19, 20; 37:35).

Откако долго време немала деца, на Рахела најпосле ѝ се родил Јосиф. Јаков многу го сакал ова дете, кое му се родило на старост. На пример, кога тој и неговото семејство требало да се сретнат со брат му, Исав, кој претходно сакал да го убие, Јаков се погрижил Рахела и малиот Јосиф да бидат поставени на најбезбедното место — во задните редови од групата што го сочинувала неговото домаќинство. Тој ден полн со неизвесност сигурно му останал во длабоко сеќавање на Јосиф. Замисли си како се чувствувал тоа утро додека, со широко отворени очиња, се прашувал зошто неговиот остарен, но витален татко накривнувал додека одел по патот. Колку одушевен мора да бил кога ја дознал причината — таа ноќ, неговиот татко се борел со моќен ангел! А зошто? Затоа што сакал да добие благослов од Јехова Бог. Јаков бил награден со тоа што неговото име било сменето во Израел. Ова име станало име на еден цел народ! (1. Мојсеева 32:22-31). Подоцна, Јосиф дознал дека од синовите на Израел ќе произлезат племињата што ќе го сочинуваат тој народ.

По некое време, младиот Јосиф и самиот доживеал длабока болка кога прерано ја изгубил својата драга мајка. Таа умрела додека го раѓала неговиот помал брат, Венијамин. Јаков ја оплакувал смртта на својата жена. Замисли си го како нежно ги брише солзите од очите на Јосиф и го теши со истата надеж што некогаш го утешила и Авраам, дедото на Јаков. Колку ли мора да му значело на Јосиф тоа што Јехова еден ден ќе ја врати во живот неговата мајка! Можеби во тој момент уште повеќе го засакал великодушниот „Бог... на живите“ (Лука 20:38; Евреите 11:17-19). По болната загуба на својата сопруга, Јаков посебно се приврзал за своите два сина што му ги родила таа (1. Мојсеева 35:18-20; 37:3; 44:27-29).

Многу деца стануваат разгалени кога со нив се постапува на таков посебен начин. Но, од своите родители, Јосиф попримил многу добри особини и изградил цврста вера, како и силно чувство за исправно и погрешно. На 17 години тој веќе бил овчар и им помагал на некои од своите постари браќа. Во една прилика забележал дека тие прават нешто погрешно. Дали си помислил дека е подобро да не кажува ништо за да не му се налутат? Како и да било, тој го направил она што било исправно — сѐ му кажал на татко му (1. Мојсеева 37:2). Можеби таа храбра постапка му потврдила на Јаков дека со право толку го сака ова свое дете. Колку убав пример за кој можат да размислуваат младите христијани денес! Кога се на искушение да скријат дека некој направил сериозен грев — можеби нивниот брат, сестра или пријател — мудро е да постапат како Јосиф и да ги известат за тоа оние што се во положба да му помогнат на престапникот (3. Мојсеева 5:1).

Поука можеме да извлечеме и од семејството во кое се родил Јосиф. Иако денес меѓу вистинските христијани нема полигамија, сепак има многу семејства со очув, маќеа, полубраќа и полусестри. Од семејството на Јаков, сите можат да научат дека пристрасноста ги нарушува мирот и единството во семејството. Во таквите семејства, мудрите родители прават сѐ што можат за да ги уверат своите деца и децата на нивниот сопружник дека секое од нив е сакано и има свои дарби кои придонесуваат семејството да биде среќно (Римјаните 2:11).

СЕ ЈАВУВА ЉУБОМОРА

Јаков посебно го сакал Јосиф поради неговата верност и праведност

Јаков му укажал посебна чест на Јосиф, можеби токму поради тоа што овој негов син не се плашел да го прави она што е исправно. Тој заповедал да се направи посебна облека за Јосиф (1. Мојсеева 37:3). Тоа можеби била долга, убава облека што досегала до глуждовите на рацете и нозете. Таква облека веројатно носеле достоинствениците и принцовите.

Јаков сигурно имал добри намери, и Јосиф бил трогнат од тој знак на грижа и љубов. Но, таа посебна облека му донела и многу неволји. Од една страна, како што веќе спомнавме, тој бил овчар. Тоа било груба физичка работа. Замисли си како му било на младиот Јосиф во една таква облека да се пробива низ густата трева, да се качува по карпите или да се обидува да ослободи некое заталкано јагне што се заплеткало во трнлива грмушка. Но, една друга работа му донела уште поголем проблем. Како овој израз на посебна наклоност од татко му се одразил врз неговиот однос со браќата?

Одговорот го дава Библијата: „Кога видоа дека татко им го сака повеќе од сите нив, неговите браќа го замразија и не можеа да му кажат мирно ниту еден збор“ * (1. Мојсеева 37:4). Нивната љубомора можеби донекаде е разбирлива, но воопшто не им било паметно што дозволиле тоа чувство да им ги затруе срцата (Изреки 14:30; 27:4). Дали и тебе ти се случило да почувствуваш завист кога на некој друг му биле укажани вниманието или честа што ти си очекувал да ги добиеш? Во такви моменти, сети се на браќата на Јосиф. Љубомората ги навела да направат работи за кои подоцна длабоко зажалиле. Нивниот пример им служи на христијаните денес како потсетување дека е многу помудро ,да се радуваме со оние што се радуваат‘ (Римјаните 12:15).

Јосиф сигурно бил свесен дека неговите браќа имале непријателски чувства кон него. Дали од таа причина избегнувал да ја носи својата убава облека пред нив? Можеби помислувал на тоа. Но, сети се дека Јаков сакал таа облека да биде знак на наклоност и љубов. Јосиф сакал да ја оправда довербата на својот татко и затоа секогаш ја носел облеката што ја добил од него. Од неговиот пример можеме да научиме нешто важно. Иако нашиот небесен Татко никогаш не е пристрасен, тој понекогаш покажува посебна наклоност кон своите верни слуги. Освен тоа, Јехова бара да се разликуваме од овој расипан и неморален свет. Исто како што Јосиф се издвојувал од другите по својата облека, така и христијаните се издвојуваат од другите по своето однесување. Понекогаш тоа предизвикува кај другите љубомора и непријателство (1. Петрово 4:4). Дали затоа еден христијанин треба да крие дека е слуга на Бог? Не, исто како што ни Јосиф не требало да ја крие својата облека (Лука 11:33).

СОНОВИТЕ НА ЈОСИФ

По кратко време, Јосиф сонил два необични сона. Во првиот сон видел како тој и неговите браќа врзуваат по еден сноп жито. Тогаш, сноповите на неговите браќа го опколиле неговиот сноп и му се поклониле. Во вториот сон, на Јосиф му се поклониле сонцето, месечината и 11 ѕвезди (1. Мојсеева 37:6, 7, 9). Што требало да направи Јосиф откако ги сонил тие чудни сонови?

Тие сонови дошле од Јехова Бог и имале пророчко значење. Јехова сакал Јосиф да ја пренесе пораката што ја содржеле. Во извесна смисла, Јосиф требало да го направи истото што подоцна го правеле пророците кои му ги пренесувале Божјите пораки и пресуди на израелскиот тврдоглав народ.

Јосиф љубезно им рекол на своите браќа: „Ве молам, чујте го сонот што го сонив“. Неговите браќа го разбрале сонот, но воопшто не им се допаднал. Затоа му одговориле: „Да не имаш намера да бидеш цар над нас? Да не сакаш, можеби, да господариш со нас?“ Понатаму, во извештајот пишува: „Така најдоа нова причина да го мразат поради неговите соништа и поради неговите зборови“. Кога Јосиф им го раскажал и вториот сон на татка си и на своите браќа, не реагирале ништо подобро. Татко му дури го прекорил со зборовите: „Што значи тој сон што си го сонил? Ќе дојдеме ли јас, мајка ти и твоите браќа да ти се клањаме доземи?“ Сепак, Јаков не престанал да размислува за тие зборови. Дали можеби соништата дошле од Јехова? (1. Мојсеева 37:6, 8, 10, 11).

Јосиф не бил ниту првиот ниту последниот слуга на Јехова што требало да пренесе пророчка порака која ќе била неомилена, па дури и ќе предизвикала непријателство кон него. Исус бил најистакнатата личност што пренесувала такви пораки, а на своите ученици им рекол: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Христијаните од сите возрасти можат да научат многу од верата и храброста на младиот Јосиф.

ОМРАЗАТА ДОСТИГНУВА ВРВ

Недолго по таа случка, Јаков го испратил Јосиф на пат. Неговите постари синови ги паселе стадата на север во близина на градот Сихем. Кратко време претходно, тие станале огорчени непријатели со жителите на тој град. Нормално, Јаков бил загрижен за своите синови, па затоа го испратил Јосиф да види дали се добро. Можеш ли да си замислиш како се чувствувал Јосиф? Знаел дека неговите браќа го мразат повеќе од кога и да било порано! Како ќе реагираат кога ќе видат дека татко им го испратил токму него? И покрај сѐ, Јосиф послушно тргнал на пат (1. Мојсеева 34:25-30; 37:12-14).

Патот бил прилично долг, можеби четири или пет дена одење. Сихем се наоѓал на околу 80 километри северно од Хеврон. Но, кога Јосиф дошол до Сихем, дознал дека неговите браќа се упатиле кон Дотан, кој бил оддалечен уште 22 километри на север. Кога Јосиф конечно дошол близу Дотан, неговите браќа го забележале уште од далеку. Нивната омраза веднаш се разгорела. Во извештајот пишува: „Си рекоа еден на друг: ,Еве, доаѓа оној сонувачот. Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во една од јамите за вода! Ќе речеме дека го изела дива ѕверка. Па да видиме тогаш што ќе биде со неговите соништа‘“. Меѓутоа, Рувим ги убедил своите браќа да го остават Јосиф во една јама, со надеж дека подоцна ќе успее да го спаси (1. Мојсеева 37:19-22).

Без да се посомнева во нешто, Јосиф дошол кај нив. Сигурно се надевал дека сѐ ќе биде добро. Наместо тоа, неговите браќа го нападнале! Грубо му ја соблекле убавата облека, го одвлечкале до една празна јама и го фрлиле внатре. Како само треснал на земја! Откако си дошол на себе, со мака застанал на нозете, но не можел да излезе без да му помогне некој. Од дното на јамата можел да види само парче сино небо и да чуе како се оддалечуваат гласовите на неговите браќа. Викал кон нив, ги молел, но залудно. Без ронка жал, седнале во близина да јадат. По некое време, додека Рувим не бил таму, тие повторно сакале да го убијат Јосиф. Но, Јуда ги убедил наместо тоа да им го продадат на некои од трговците што минувале оттаму. Дотан се наоѓал близу еден трговски пат што водел кон Египет и, по кратко време, поминал караван со Исмаелци и Мадијамци. Кога се вратил Рувим, веќе било предоцна — браќата го продале Јосиф како роб за 20 сикли * (1. Мојсеева 37:23-28; 42:21).

Иако Јосиф цврсто се држел за она што е праведно, неговите браќа го мразеле

Да продолжиме со приказната од онаму од каде што започнавме. Додека караванот се движел кон југ по патот за Египет, на Јосиф му изгледало како да изгубил сѐ. Со сила бил одвоен од семејството! Тоа значело дека со години нема да знае ништо за нив — за тоа колку бил шокиран Рувим кога се вратил кај јамата и видел дека брат му го нема, за болката на Јаков кога поверувал дека неговиот сакан син е мртов, за неговиот остарен дедо, Исак, кој сѐ уште бил жив, и за неговиот сакан помал брат, Венијамин, кој многу ќе му недостасувал. Но, дали Јосиф навистина изгубил сѐ? (1. Мојсеева 37:29-35).

Јосиф сѐ уште имал нешто што неговите браќа никогаш не би можеле да му го одземат — неговата вера. Тој добро го познавал неговиот Бог, Јехова, и ништо не можело да му го одземе тоа — ниту загубата на неговиот дом, ниту тешкиот пат до Египет што го поминал како заробеник, ниту понижувањето што го претрпел кога му бил продаден како роб на еден богат Египќанец по име Петефри (1. Мојсеева 37:36). Верата на Јосиф, како и неговата решеност да остане близок со својот Бог, станале уште посилни во текот на сите тие тешки мигови. Во некој нареден број од ова списание, ќе видиме како Јехова го употребил верниот Јосиф за да му помогне на своето семејство, кое се нашло во неволја. Колку би било мудро од наша страна да се угледаме на верата на Јосиф!

^ пас. 15 Некои истражувачи сметаат дека за браќата на Јосиф, подарокот што тој го добил од својот татко покажувал дека Јаков сакал да му го префрли правото на првородство нему. Тие знаеле дека Јосиф бил првиот син што на Јаков му го родила неговата омилена жена — единствената со која сакал да се ожени. Освен тоа, Рувим, првородениот син на Јаков, веќе го имал изгубено правото на првородство затоа што му нанел срам на својот татко кога легнал со една од неговите наложници (1. Мојсеева 35:22; 49:3, 4).

^ пас. 25 Дури и во овој ситен детаљ, библискиот извештај е точен. Некои записи од истиот временски период откриваат дека вообичаена цена за еден роб во Египет била токму 20 сикли.