ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КОИ СЕ ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ?
Зошто проповедаме?
Нешто по кое најмногу се разликуваме од другите религии е тоа што проповедаме од куќа до куќа, на јавни места и секаде каде што има луѓе. Зошто го правиме ова?
Како Јеховини сведоци, ние проповедаме за да му носиме фалба на Бог и за да го објавуваме неговото име (Евреите 13:15). Исто така, сакаме да бидеме послушни на следнава заповед што ја дал Исус Христос: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).
Освен тоа, ние ги сакаме луѓето (Матеј 22:39). Се разбира, свесни сме дека повеќето луѓе си имаат свои религиозни убедувања и дека сите не се заинтересирани за нашата порака. Сепак, сметаме дека библиските учења можат да им го спасат животот на луѓето. Од таа причина, исто како христијаните од првиот век, продолжуваме ‚без престан да поучуваме и да ја објавуваме добрата вест за Христос, Исус‘ (Дела 5:41, 42).
Социологот Антонио Кова Мадуро напишал дека „Јеховините сведоци вложуваат огромен труд и надминуваат разни пречки, дури и по цена на големи лични жртви... за да може пораката од Библијата да стигне до најоддалечените делови на Земјата“ (весникот El Universal, Венецуела).
Поголемиот број читатели на нашите публикации не се Јеховини сведоци. И милиони луѓе со кои ја проучуваме Библијата припаѓаат на други религии. Сепак, тие се благодарни што Јеховините сведоци ги посетуваат.
Ако имаш и други прашања за Јеховините сведоци, те молиме...
-
зборувај со некој Јеховин сведок.
-
посети ја нашата интернет-страница www.ps8318.com/mk.
-
дојди на нашите состаноци, кои се бесплатни и отворени за јавност.