Префрли се на текстот

СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?

Крилјата на белите пеперутки

Крилјата на белите пеперутки

 Пеперутките зависат од сончевата светлина бидејќи без неа не можат да ги загреат мускулите кои ги користат за летање. Но, кога е облачно, белите пеперутки (фамилија Pieridae) полетуваат пред другите пеперутки. Како успеваат во тоа?

 Размисли: Пред да се вивнат во воздухот, многу видови пеперутки се греат на сонцето. Притоа, крилјата им се или затворени или целосно раширени. Но, белите пеперутки ги држат крилјата отворени во облик на латиничната буква V. Истражувачите утврдиле дека пеперутката постигнува оптимална топлина ако секое крило го држи отворено под агол од 17 степени во однос на положбата кога крилјата ѝ се затворени. Кога е во оваа положба, градните мускули за летање директно ја впиваат сончевата светлина и се загреваат пред таа да полета.

 Истражувачите од Универзитетот Егзетер (Англија) правеле анализи за да откријат дали можат да ја зголемат ефикасноста на соларните панели така што ќе го копираат начинот на кој овие пеперутки ги држат своите крилја пред да полетаат. Резултатите покажале дека производството на енергија се зголемило за 50 отсто.

 Истражувачите исто така утврдиле дека крилјата на белата пеперутка во голема мера ги рефлектираат сончевите зраци. По примерот на ова својство на белите пеперутки, како и на положбата во која ги држат крилјата, истражувачите направиле полесни и поефикасни соларни панели. Овие откритија го навеле професор Ричард Френч-Констант, член на истражувачкиот тим, да ја нарече оваа пеперутка „стручњак за искористување на сончевата енергија“.

 Што мислиш? Дали тоа што белата пеперутка ги држи крилјата во облик на латиничната буква V се должи на еволуција или на мудроста на Творецот?