Што вели Библијата за заедничкиот живот пред брак?
Што вели Библијата:
Библијата вели дека Бог сака луѓето да се чуваат од блуд, односно сексуален неморал (1. Солуњаните 4:3). Според Библијата, во сексуален неморал спаѓаат: прељуба, хомосексуалност и сексуални односи помеѓу маж и жена кои не се во брак.
Зошто на Бог му е важно една двојка да биде законски венчана?
Брачната заедница ја основал Бог. Тој го склопил првиот брак откако ги создал првите маж и жена (1. Мојсеева 2:22-24). Божјата намера не била еден маж и една жена да живеат заедно, а да не се во брак.
Бог знае што е најдобро за луѓето. Тој имал намера бракот да биде трајна врска помеѓу еден маж и една жена, и тоа да им биде од корист и да ги штити сите членови на семејството. Исто како што упатствата од производителот ни помагаат да склопиме парче мебел, така и упатствата што ни ги дава Бог ни помагаат да си ги зајакнеме семејните врски. Божјите мерила секогаш им користат на оние што се држат за нив (Исаија 48:17, 18).
Сексуалните односи надвор од бракот носат сериозни последици. На пример, некои од последиците може да бидат: несакана бременост, сексуално преносливи болести и емоционална болка.
Бог ги создал луѓето со способност да се размножуваат. Во очите на Бог животот е свет, и способноста да имаме деца е скапоцен дар од него. Бог сака да покажеме ценење за овој дар така што ќе ја почитуваме брачната заедница која тој ја осмислил (Евреите 13:4).
Дали е во ред двајца да живеат заедно пред брак за да видат дали си одговараат?
За еден пар да има успешен брак, не е потребен „пробен период“, односно да живеат заедно некое време без да имаат обврска да останат заедно. Напротив, нивната врска се зајакнува кога и двајцата се цврсто решени да бидат верни еден на друг и кога заедно се трудат да ги решаваат проблемите. a Бракот ја зајакнува врската меѓу две лица (Матеј 19:6).
Како можат брачните двојки да си го зацврстат бракот?
Не постои совршен брак. Но една брачна двојка може да си го зајакне бракот ако ги применува библиските совети. Еве некои од нив:
Ставај ги потребите на брачниот другар пред своите (1. Коринќаните 7:3-5; Филипјаните 2:3, 4).
Покажувајте љубов и почит еден кон друг (Ефешаните 5:25, 33).
Внимавај што и како зборуваш (Изреки 12:18).
Биди стрплив и брзо простувај (Колошаните 3:13, 14).
a Види ја статијата „Среќно семејство — приврзаност и верност“.