Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Како да се спречи љубомората во бракот

Како да се спречи љубомората во бракот

 Еден брак не може да биде среќен ако сопружниците немаат доверба еден во друг. Затоа, што може да ти помогне да не бидеш претерано љубоморен?

Во оваа статија:

 Што е љубомора?

 Зборот „љубомора“ има различни значења. Во оваа статија се однесува на она што го чувствуваме кога сметаме дека некој има романтични чувства кон нашиот брачен другар или кога сметаме дека нашиот брачен другар има романтични чувства кон некој друг. Можеби сметаме дека нашиот брак е во опасност. Доколку навистина е така, тогаш нормално е и соодветно е да бидеме љубоморни. Всушност, бракот е најблиската врска помеѓу две личности и сопружниците треба да прават сѐ што можат за да ја зачуваат таа врска.

 Библиско начело: „Повеќе не се две, туку едно тело... Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:6).

 „Доколку на твојот брак му се заканува некаква опасност, љубомората може да биде како детектор за чад кој те предупредува за опасноста и те поттикнува да преземеш нешто“ (Бенџамин).

 Сепак, претераната љубомора е резултат на сомнеж и страв за кои нема реална основа. Вистинската љубов нѐ штити од таква штетна љубомора (1. Коринќаните 13:4, 7). Д-р Роберт Лејхи напишал: „Поради [неоснована љубомора] би можел да направиш нешто со кое, всушност, ќе ѝ наштетиш на врската која сакаш да ја заштитиш“. a

 Што може да предизвика претерана љубомора?

 Можеби си склон да бидеш претерано љубоморен ако во минатото си имал брачен другар кој те изневерил. Или можеби бракот на твоите родители се распаднал поради тоа што едниот од нив бил неверен и се плашиш дека истото би можело да му се случи и на твојот брак.

 „Татко ми ја изневери мајка ми кога бев мала. Затоа, тешко ми е да имам доверба во другите. Тоа ми остави емоционална лузна поради која понекогаш ми е тешко да имам доверба во мојот сопруг“ (Мелиса).

 Ако си склон да бидеш несигурен во себе, тоа може да биде уште една причина зошто можеби гледаш на другите како на опасност за твојот брак. Дури и би можел да почнеш да веруваш дека, доколку има можност, твојот сопружник ќе те напушти поради некој друг.

 Без оглед на причината, претераната љубомора може да те наведе да се сомневаш во твојот сопружник, па дури и без основа да го обвиниш дека ти е неверен. Ваквите чувства ќе предизвикаат проблеми кои ќе му наштетат на твојот брак, а веројатно и на твоето здравје.

 Библиско начело: „Љубомората е рак во коските“ (Изреки 14:30, Радосна Вест).

Како можеш да ја контролираш љубомората?

 Стекни доверба во својот сопружник. Наместо да бараш знаци за да се сомневаш дека твојот сопружник ти е неверен, размислувај кои работи што ги прави покажуваат дека можеш да имаш доверба во него.

  „Размислувам за убавите особини на мојот сопруг. Ако тој покажува внимание некому, тоа е затоа што искрено се грижи, а не затоа што има неисправни мотиви. Треба да се потсетувам дека тоа што бракот на моите родители не беше среќен не значи дека и мојот брак не е среќен“ (Мелиса).

 Библиско начело: „Љубовта... сѐ верува“ (1. Коринќаните 13:4, 7).

 Преиспитај ги своите сомнежи. Д-р Лејхи, кој го спомнавме претходно, напишал: „Понекогаш сметаме дека она што го мислиме е навистина така. Самото тоа што сме сигурни дека нешто е вистина го сметаме за доказ дека навистина е така. Но тоа што веруваме дека нешто е вистина не го прави да биде вистина, и нашата увереност не е вистински доказ“. b

 „Ако на секоја ситуација ѝ придаваме значење и правиме претпоставки, може да создадеме проблем таму каде што го нема“ (Надин).

 Библиско начело: „Вашата разумност нека им биде позната на сите“ (Филипјаните 4:5).

 Разговарајте за она што те загрижува. Без оглед на тоа која е причината за твојата љубомора, зборувај со твојот сопружник за она што те загрижува со цел да се договорите кои разумни граници ќе си ги поставите во врска со однесувањето.

 „Кога водите вакви разговори, имај доверба дека твојот сопружник не сака да те повреди и дека и тој се обидува да донесе добри одлуки. Имај доверба дека тој има добри намери. Можеби си пречувствителен и имаш преголеми очекувања. Или можеби твојот сопружник не сфаќа дека не ти го пружа вниманието што ти е потребно“ (Сијара).

 Библиско начело: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

a b Од книгата The Jealousy Cure.