МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Колку е важна популарноста на социјалните мрежи?
Една тинејџерка по име Илејн вели: „Кога видов дека моите школски другари имаат стотици следбеници, си помислив дека се многу популарни, и искрено бев малку љубоморна“.
Дали и ти некогаш си се почувствувал така? Ако да, оваа статија може да ти помогне да не паднеш во замката да се натпреваруваш за поголема популарност на социјалните мрежи.
Кои се опасностите?
Во Библијата, во Изреки 22:1 пишува: „Подобро е да избереш добро име отколку големо богатство“. Значи не е погрешно да сакаш да имаш добар углед — па дури и да имаш желба другите да те сакаат.
Но, понекогаш, желбата да се биде прифатен може да прерасне во неразумна трка за популарност. Дали во тоа има некаков ризик? Ања, која има 16 години, смета дека постои ризик:
„Сум видела како некои прават разни глупости — на пример скокаат од вториот кат на училиштето — само за да бидат популарни“.
За да го привлечат вниманието на своите врсници, некои дури и ги снимаат глупостите што ги прават и ги објавуваат на интернет. На пример, некои тинејџери објавуваат видеоклипови во кои се гледа како јадат капсули за перење алишта што содржат отровни супстанции — нешто што никој не треба да го прави!
Библијата вели: „Не правете ништо... за празна слава” (Филипјаните 2:3, Превод на МПЦ).
Размисли:
Колку ти е тебе важна популарноста на социјалните мрежи?
Дали би ризикувал да си го нарушиш здравјето или да го изгубиш животот за да привлечеш внимание и да им се допаднеш на врсниците?
„Илузија на популарност“
Се разбира, не се впуштаат сите луѓе во ризични ситуации за да станат популарни. Ерика, која има 22 години, вели дека некои користат друга стратегија:
„Луѓето постојано објавуваат многу слики од нивниот живот и така оставаат впечаток дека имаат огромен број блиски пријатели со кои често минуваат време. На овој начин создаваат илузија на популарност”.
Кера, која има 15 години, вели дека некои луѓе лажат за да создадат таков впечаток:
„Имам видено како некои прават слики од кои се добива впечаток дека се на забава, а всушност се дома“.
Матеј, кој има 22 години, признава дека правел такво нешто:
„Објавив слика и како локација го означив Монт Еверест, иако никогаш не сум бил во Азија!“
Библијата вели: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).
Размисли:
Ако користиш социјални мрежи, дали некогаш си објавил нешто што не е вистина само за да стекнеш поголема популарност?
Дали од сликите и од коментарите што ги објавуваш се гледа кој си навистина и кои вредности ги цениш?
Колку е важен бројот на следбеници и лајкови?
Многу луѓе сметаат дека, за да бидат популарни на интернет, мора да имаат огромен број на следбеници и лајкови. Метју, кој беше цитиран претходно, признава дека и тој порано мислел така:
„Често ги прашував другите колку следбеници имаат или кој е најголемиот број лајкови што го добиле. За да имам повеќе следбеници, следев луѓе кои воопшто не ги познавав со надеж дека и тие ќе ме следат мене. Станав алчен за популарност, а социјалните мрежи само ја зголемуваа таквата алчност“.
Марија, која има 25 години, забележува дека некои луѓе ја мерат својата вредност според тоа колку следбеници и лајкови имаат:
„Некои девојки заклучуваат дека се грди само затоа што не добиле доволно лајкови за некое селфи што го објавиле. Се разбира, таквото размислување е погрешно, но многумина би реагирале на истиот начин. Во некоја смисла, тие се малтретираат себеси”.
Библијата вели: „Да не бидеме суетни, да не се натпреваруваме еден со друг, да не си завидуваме еден на друг“ (Галатите 5:26).
Размисли:
Ако користиш социјални мрежи, дали забележуваш дека тоа те поттикнува да се споредуваш со другите?
Дали ти е поважно да имаш повеќе следбеници на социјалните мрежи отколку да стекнеш вистински пријатели кои те сакаат?