УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ИЛИЈА
Истрајал до крај
Цар Ахав бил мртов. Оваа вест стигнала до Илија. Можеме да си го замислиме остарениот пророк како си ја мазни брадата, додека во мислите му се навраќаат децениите во кои морал да се справува со овој злобен цар. Илија доживеал многу неволји. Ахав и неговата жена Језавела му се заканувале, го прогонувале, па дури и сакале да го убијат. Царот не презел ништо за да ја спречи Језавела да издаде наредба да се погубат голем број пророци на Јехова. Поттикнати од алчност, Ахав и Језавела сковале заговор да биде убиен и невиниот и праведен човек Навутеј, заедно со сите негови синови. Поради тоа, Илија му пренел на Ахав порака од Јехова со која биле осудени и тој и целиот негов дом. Јеховините зборови се исполниле. Ахав умрел токму така како што претскажал Јехова (1. Царевите 18:4; 21:1-26; 22:37, 38; 2. Царевите 9:26).
Сепак, Илија знаел дека и понатаму ќе му биде потребна истрајност. Језавела сѐ уште била жива и продолжила на ужасен начин да влијае врз своето семејство и врз целиот народ. Пред Илија стоеле и други тешки ситуации, а имало и уште многу работи за кои требало да го поучи својот помошник Елисеј, кој ќе го наследел како Божји пророк. Ајде да разгледаме три од последните задачи на Илија. Ќе видиме како верата му помогнала да истрае и како ние можеме да си ја зајакнеме верата во овие тешки времиња во кои живееме.
Осудата врз Охозија
Охозија, синот на Ахав и Језавела, станал цар на Израел. Наместо да научи нешто од грешките на своите родители, тој тргнал по нивните стапки и постапувал злобно (1. Царевите 22:52). Исто како нив, Охозија му служел на лажниот бог Ваал. Оние што го обожавале Ваал правеле одвратни работи. Во нивните храмови имало проституција, па дури и се жртвувале деца. Имало ли нешто што можело да го натера Охозија да се смени и да му помогне на народот кој толку многу застранил да се врати кај Јехова?
Младиот вообразен цар доживеал страшна трагедија. Тој паднал низ решетката од својата горна соба и се здобил со тешки повреди. Иако животот му висел на конец, не побарал помош од Јехова. Наместо тоа, Охозија испратил гласници во непријателскиот филистејски град Екрон за да го прашаат богот Ваал-Зевул дали ќе закрепне од повредата. Јехова бил многу незадоволен од одлуката на царот. Тој пратил еден ангел кај Илија. Ангелот му рекол на пророкот да оди и да ги пресретне гласниците. Илија ги испратил назад кај царот со остра порака. Охозија многу му згрешил на Јехова затоа што постапил како Израелците да немале свој Бог. Јехова рекол дека Охозија никогаш нема да закрепне и да стане од постелата (2. Царевите 1:2-4).
Наместо да се покае, Охозија ги прашал гласниците: „Како изгледаше тој човек што ви дошол во пресрет и ви ги кажал тие зборови?“ Тие му одговориле опишувајќи ја едноставната облека на пророкот. Охозија веднаш рекол: „Тоа е Илија“ (2. Царевите 1:7, 8). Илија водел многу едноставен живот и бил посветен на службата за Бог. Ова јасно се гледа од тоа што луѓето веднаш можеле да го препознаат само по описот на неговата скромна облека. Охозија и неговите родители биле сосема поинакви. Тие биле алчни за материјални работи. Примерот на Илија нѐ поттикнува да живееме според советот на Исус да водиме едноставен живот и да бидеме сосредоточени на она што е најважно (Матеј 6:22-24).
Полн со желба за одмазда, Охозија испратил 50 војници заедно со нивниот заповедник за да го фатат Илија. Кога го нашле Илија „како седи на врвот од планината“, a заповедникот дрско му наредил во име на царот да слезе долу — најверојатно за да го однесат на погубување. Замисли си! Иако знаеле дека Илија е „Божји човек“, овие војници се осмелиле да го заплашат и да му се заканат. Колку биле неразумни! Илија му кажал на заповедникот: „Ако сум Божји човек, нека слезе оган од небото и нека ве голтне тебе и твоите педесет луѓе!“ Бог веднаш презел нешто. Во извештајот понатаму пишува: „И оган слезе од небото и ги голтна него и неговите педесет луѓе“ (2. Царевите 1:9, 10). Трагичниот крај на војниците нѐ потсетува дека на Јехова воопшто не му е сеедно кога другите не покажуваат почит кон неговите слуги и ги презираат (1. Летописи 16:21, 22).
Охозија испратил уште еден заповедник со неговите 50 луѓе. Овој заповедник бил уште понеразумен од првиот. Тој ништо не научил од она што им се случило на првиот заповедник и неговите војници, иако нивната пепел можеби сѐ уште лежела расфрлена по планината. Овој заповедник не само што ја повторил наредбата на првиот заповедник и му рекол на Илија да слезе, туку и го додал зборот „брзо“. Колку непромислено! Тој и неговите луѓе го изгубиле животот на ист начин како првиот заповедник и неговите луѓе. Уште подрзок и понеразумен бил царот. Потполно рамнодушен, тој по третпат испратил свои луѓе. За среќа, третиот заповедник бил поразумен човек. Тој понизно му пристапил на Илија и го замолил да ги поштеди него и неговите луѓе. Бидејќи му бил верен слуга на Бог, Илија покажал милост кон нив како што би покажал самиот Јехова. Јеховиниот ангел му заповедал на Илија да појде со војниците. Илија го послушал и ја повторил Јеховината порака на осуда против овој злобен цар. Токму како што кажал Јехова, Охозија умрел. Тој владеел само две години (2. Царевите 1:11-17).
Како Илија успеал да истрае и покрај тоа што луѓето околу него биле толку тврдоглави и бунтовни? Ова прашање нѐ засега и нас денес. Дали некогаш си бил разочаран кога некој од твоите блиски не сакал да прифати совет и упорно продолжил да постапува погрешно? Како можеш да истраеш во таква ситуација? Можеме да научиме нешто од местото каде што војниците го нашле Илија — „на врвот од планината“. Иако не можеме со сигурност да тврдиме зошто Илија бил таму, знаеме дека тој бил човек кој имал навика да му се моли на Јехова. Едно вакво осамено и тивко место сигурно му нудело можност да се зближи со својот сакан Бог (Јаков 5:16-18). Исто како Илија, и ние можеме редовно да одвојуваме време за да му се молиме на Бог, да го повикуваме по име и да му ги доверуваме нашите грижи. Така ќе имаме поголема сила да истраеме кога другите околу нас постапуваат неразумно и самите си нанесуваат штета.
Илија ја предава својата пророчка наметка
Дошло време Илија да ја напушти задачата што ја добил од Бог. Што направил? Додека тој и Елисеј си заминувале од градот Гилгал, Илија му кажал на Елисеј да остане таму. Му рекол дека тој ќе продолжи сам до Ветил, кој бил на околу 11 километри од Гилгал. Елисеј одлучно му одговорил: „Како што е жив Јехова и како што е жива твојата душа, нема да те оставам!“ Откако стигнале во Ветил, Илија му рекол на Елисеј дека ќе оди сам за Ерихон, кој бил оддалечен околу 22 километри од Ветил. Елисеј повторно без колебање го дал истиот одговор. Ова се случило и по третпат во Ерихон, пред да тргнат кон реката Јордан, која се наоѓала на околу 8 километри од нив. И овој пат младиот човек бил решен да не го напушти Илија (2. Царевите 2:1-6).
Елисеј покажал една многу важна особина — верна љубов. Таква љубов покажала и Рут кон Ноемина. Таа чувствувала голема приврзаност кон неа и не сакала да ја напушти (Рут 1:15, 16). На сите Божји слуги им е потребна оваа особина, и тоа денес повеќе од кога и да било порано. Дали и ние како Елисеј сфаќаме колку е важно да ја имаме оваа особина?
На Илија сигурно му било многу мило кога ја видел верната љубов на својот млад пријател. Поради тоа што имал таква љубов, Елисеј имал чест да го види последното чудо на Илија. На брегот на реката Јордан, која на некои места била прилично длабока и брза, Илија удрил по водата со својата пророчка наметка. Тогаш, водата се разделила. Ова чудо го виделе и „педесет луѓе од пророчките синови“. Изгледа дека тие биле група мажи кои добивале обука за да го предводат народот во обожавањето на вистинскиот Бог (2. Царевите 2:7, 8). Илија веројатно го надгледувал нивното обучување. Неколку години претходно, Илија мислел дека тој е единствениот верен Божји слуга во земјата. Но, Јехова го наградил за неговата истрајност така што му дал можност да види како сѐ повеќе негови сонародници сакаат верно да му служат на Јехова (1. Царевите 19:10).
Откако ја преминале реката Јордан, Илија му рекол на Елисеј: „Кажи ми што сакаш да направам за тебе пред да бидам земен од тебе“. Илија знаел дека дошло времето да си замине. Тој не му завидувал на својот помлад пријател поради важната задача и одговорностите што стоеле пред него. Наместо тоа, Илија бил спремен да му помогне на секој можен начин. Елисеј побарал само едно нешто од Илија. Тој му рекол: „Те молам, нека ми припадне двоен дел од твојот дух“ (2. Царевите 2:9). Елисеј не барал да добие двојно повеќе свет дух отколку што добил Илија. Тој, всушност, барал наследство какво што добивал првородениот син. Според законот, првородениот син требало да го добие најголемиот дел, односно двоен дел од наследството за да може да ги исполни своите одговорности како семеен поглавар (5. Мојсеева 21:17). Бидејќи Елисеј требало да го наследи како Божји пророк, тој очигледно видел дека треба да биде храбар како Илија за да може да ја изврши својата задача.
Илија бил понизен и оставил Јехова да одлучи дали ќе го исполни барањето на Елисеј. Доколку Јехова дозволел Елисеј да види како тој го зема остарениот пророк, тоа ќе било знак дека барањето ќе му биде исполнето. По кратко време, додека двајцата блиски пријатели оделе и разговарале, се случило нешто прекрасно! (2. Царевите 2:10, 11).
Тоа што биле блиски пријатели сигурно им помогнало на Илија и Елисеј да истраат во неволјите
Замисли си како одненадеж, на небото се појавила чудесна светлина која доаѓала сѐ поблиску и поблиску. Почнале да се слушаат татнеж и бучава и одеднаш настанала силна бура. Во далечината можело да се види нешто блескаво кое со молскавична брзина се приближувало кон овие двајца мажи. Вчудовидени тие се разделиле, повлекувајќи се неколку чекори наназад и со восхит гледале во кочијата која светела како да била од оган. Илија знаел дека дошло време да си замине. Дали се качил на неа? Извештајот не кажува. Како и да е, тој почувствувал дека нешто го крева нагоре, високо во воздухот, и бил однесен од виорот.
Елисеј останал стаписан од глетката. Бидејќи бил сведок на оваа неверојатна случка, тој знаел дека Јехова ќе му даде „двоен дел“ од храбриот дух на Илија. Сепак, во овој момент Елисеј бил премногу тажен за да може да размислува за тоа. Тој не знаел каде оди неговиот драг пријател, и веројатно не очекувал повторно да го види. Елисеј извикал: „Татко мој, татко мој! Бојната кола на Израел и неговите коњаници!“ Тој гледал како неговиот сакан учител исчезнува во далечината. Тогаш, од жал си ја раскинал облеката (2. Царевите 2:12).
Дали Илија ги слушал тажните извици на својот млад пријател, па можеби дури и самиот пуштил некоја солза додека сѐ повисоко се кревал кон небото? Не знаеме. Но, тој сигурно бил свесен дека тоа што имал таков пријател му помогнало да истрае во некои од тешките ситуации со кои се соочил. Добро е да учиме од примерот на Илија и да градиме пријателства со оние што го сакаат Бог и сакаат да ја вршат неговата волја!
Последната задача
Каде заминал Илија по оваа случка? Некои религии учат дека бил однесен на небото кај Бог. Но, тоа не е можно. Со векови подоцна, Исус Христос рекол дека никој не се вознел на небото пред него (Јован 3:13). Но, во извештајот пишува: „Илија се вознесе во виор на небото“. Тогаш, можеби се прашуваш кое е тоа „небо“ на кое се вознел Илија? (2. Царевите 2:11). Во Библијата зборот „небо“ се однесува и на духовното место каде што престојува Јехова и на Земјината атмосфера во која лебдат облаците и летаат птиците (Псалм 147:8). Небото на кое се вознел Илија е дословното небо што го гледаме. Што се случило потоа?
Јехова го однел својот сакан пророк на друго место и му дал нова задача, овој пат во соседното царство Јуда. Библискиот извештај покажува дека можеби повеќе од седум години подоцна, Илија сѐ уште бил таму. Во тоа време со Јуда владеел злобниот цар Јорам. Тој се оженил со ќерката на Ахав и Језавела, што значи дека на некој начин нивното лошо влијание сѐ уште било силно. Јехова му заповедал на Илија да напише писмо на осуда против Јорам. Како што било проречено, Јорам доживеал ужасна смрт. Што е уште пострашно, на крајот од извештајот стои: „Никој не жалеше за него“ (2. Летописи 21:12-20).
Колку голема разлика постоела меѓу овој злобен човек и Илија! Не знаеме како и кога умрел Илија. Но, знаеме дека сигурно не умрел како Јорам, за кој ниту еден човек не жалел. На Елисеј многу му недостигал неговиот пријател, а сигурно и на другите верни пророци. И Јехова многу го ценел Илија. Ова јасно се гледа од тоа што околу 1.000 години подоцна, кога Јехова го дал видението за преобразувањето, апостолите виделе лик кој го претставувал Илија (Матеј 17:1-9). Дали сакаш исто како Илија да стекнеш вера која ќе ти помогне да истраеш и покрај неволјите? Тогаш, на прво место во животот стави го Бог, дружи се со оние што го сакаат него и редовно моли му се од срце. Така и ти засекогаш ќе имаш посебно место во Јеховиното сеќавање!
a Некои изучувачи сметаат дека ова е планината Кармил на која Бог му помогнал на Илија да ги победи пророците на Ваал неколку години претходно. Сепак, Библијата не кажува за која точно планина станува збор.