Како се финансираат активностите на Јеховините сведоци?
Нашите активности низ целиот свет првенствено се финансираат со доброволни прилози од лица кои се Јеховини сведоци. a На местата каде што одржуваме состаноци има кутии за прилози. Други начини на кои може да се дадат доброволни прилози се наведени на нашата интернет-страница, во делот Прилози. Секој може да избере дали сака да даде прилог за финансирање на нашето меѓународно проповедничко дело, за потребите на локалните собранија или, пак, и за едното и за другото.
Јеховините сведоци не даваат десеток и од нив не се очекува да донираат одредена сума пари или одреден процент од својата заработка (2. Коринќаните 9:7). На нашите состаноци никогаш не собираме прилози и влезот е слободен. Исто така, не се наплаќаат говорите за крштавање, погреб, венчавка и други верски служби. Не собираме пари преку забави и свечени вечери организирани за добротворни цели, игри на среќа, карневали и други слични активности, ниту пак, изнудуваме пари. Податоците за оние кои донирале пари никогаш не ги споделуваме со други, и не ги објавуваме никаде (Матеј 6:2-4). Нашите интернет-страници и нашите публикации не содржат реклами од кои имаме профит.
Секое собрание на Јеховините сведоци објавува месечен финансиски извештај на своите состаноци, кои се отворени за јавност. Сметководството на секое собрание редовно се проверува за да бидеме сигурни дека се ракува исправно со доброволните прилози (2. Коринќаните 8:20, 21).
Како може да се дадат прилози
Кутии за прилози: Можеш да го ставиш твојот прилог во кутиите за доброволни прилози кои се наоѓаат во нашите сали за состаноци, конгресни сали или на други места каде што одржуваме состаноци.
Прилози преку интернет: Во многу земји, преку страницата Прилози, може да се дадат прилози со дебитна и кредитна картичка, преку системи за електронско банкарство или на други електронски начини. b Користејќи некој од овие начини, некои Сведоци одредуваат сума која секој месец автоматски ќе се префрла на сметката на организацијата (1. Коринќаните 16:2).
Други начини на давање: За да можеш да дадеш прилог на некои други начини можеби ќе треба однапред да направиш план за тоа и/или да побараш совет од правен советник. Така можеби ќе можеш да ги искористиш законските даночни олеснувања кои постојат во твојата земја. Оние што сакаат да приложат на некој од овие начини сега или, пак, по својата смрт, може да се обратат до локалната подружница за да ги добијат потребните информации и да дознаат како би можеле да дадат прилози преку:
банковни сметки
животно или пензиско осигурување
недвижнини
хартии од вредност и обврзници
тестаменти
За повеќе информации како можеш да дадеш доброволен прилог, кликни на линкот Прилози.
a Има и лица кои не се Јеховини сведоци што даваат прилози за да ги поддржат нашите активности.
b За повеќе информации, гледај го видеоклипот Како да даваме прилози по електронски пат.